Косово доби нова влада. Собранието во Приштина, со 61 глас „за“ , 24 „против“ и еден „воздржан“ ја избра владата што ја предложи кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово, Авдулах Хоти.

Неговиот кабинет ќе има четворица заменици премиери и 15 министри кои доаѓаат од новата коалција во која влегоа и Алијансата за иднината на Косово, Социјалдемократската иницијатива, Српската листа и Групата шест плус, односно партиите на помалите етнички заедници.

Во новата влада останаа и неколку министри од Самоопределување на Албин Курти, на чија влада ѝ беше изгласана недоверба на 25 март.

Претставувајќи ја својата програма, Хоти рече дека новата влада, во ниеден момент нема да го напушти евроатлантскиот пат на Косово, а тој ќе стори се за да ги интегрира заедниците во сите области на општествениот живот, со обезбедување еднакви можности за сите.

Тој нагласи дека веднаш ќе се заложи за надминување на пречките за продолжување на дијалогот со Србија како „прашање од животно значење за Косово“, за што најави тесна соработка со Европската унија и САД, за кои рече дека имаат „неделива улога“.

Двата приоритети на новата влада, на почетокот на мандатот, како што рече Хоти, се борбата против ковид-19 и економското опоравување по совладувањето на епидемијата.

На седницата не присуствуваат пратениците на движењето Самоопределување, освен шефот на пратеничката група Реџеп Селими, кој во своето обраќање по излагањето на Хоти рече дека формирањето нова влада претставува „грабеж“ и „газење на волјата на граѓаните изразена на изборите од октомври минатата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.