Претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца не верува дека набргу може да се очекува договор меѓу Косово и Србија, со оглед на „новата политичка констелација“, односно по објавувањето на имињата кои во иднина треба да ги водат министерствата и другите државни институции во Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во неговото денешно обраќање на Форумот за надворешни работи и безбедност (ФАС Форум), Коњуфца рече дека „реконструкцијата на политичката каста во Србија“ јасно покажува дека таа држава е тесно поврзана со Русија.

Со оваа политичка констелација на Србија воопшто не сум оптимист за брзо постигнување на договор со Белград, рече Коњуфца на форумот чија тема беше „Новата геополитика по руската агресија на Украина“.

Според спикерот на косовското Собрание, со новото државно раководство на Србија, предводено од претседателот Александар Вучиќ, „Србија веќе јасно испрати порака … за тоа кој е нивниот правец“.

Ова ќе има влијание и на сите значајни процеси во Западен Балкан, рече Коњуфца.

Издвојувајќи го именувањето на досегашниот министер за внатрешни работи, Александар Вулин на чело на Безбодносно-информативната агенција (БИА) и на досегашниот собраниски спикер, Ивица Дачиќ за шеф на српската дипломатија, Коњуфца рече дека сега сите значајни структури на српската држава се тесно поврзани со Русија.

Сите српски структури, значајните структури на безбедноста, разузнавањето, полицијата, војската, внатрешната политика … се фатени од личности кои отворено ја бранат ориентацијата на Србија кон натамошно јакнење на врските со Русија, рече Коњуфца.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.