Меѓународниот трибунал кој ги истражува воените злосторства извршени за време на војната за независност на Косово 1998-1999 година изминатава недела уапси неколкумина поранешни високи членови на Ослободителната војска на Косово (ОВК), што предизвика протести на ветераните на ОВК, против оваа меѓународна институција.

Првиот што беше приведен и префрлен во притвор во Хаг, е поранешниот командант на сепаратистички борци, Салих Мустафа, уапсен под обвиненија за воени злосторства што произлегуваат од конфликтот.

Истрагите ги спроведуваат Косовските специјализирани совети и канцеларијата на придружното обвинителство, кои беа основани пред пет години за да ги разгледаат обвинувањата дека припадниците на ОВК извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото

Војната 1998-1999 година остави повеќе од 10 000 мртви, повеќето етнички Албанци од Косово. На повеќе од 1.600 лица не им се знае судбината.

Салих Мустафа ги надгледуваше борците на ОВК во областа Лап, 35 км северно од Приштина. Подоцна тој беше шеф на разузнавањето на Безбедносните сили на Косово, воени трупи создадени во 2009 година како преодна единица пред да стане редовна армија.

Судијата на претходна постапка го потврди обвинението против Салих Мустафа на 12 јуни 2020 година. Согласно правилото 88 (2) од Деловникот и доказите пред Специјализираните совети на Косово, обвинението потврдено од судијата не беше објавено во тоа време, се вели во соопштението.

Во потврденото обвинение се тврди дека кривичните дела за произволно лишување од слобода, сурово постапување и мачење биле извршени против најмалку шест лица приближно од 1 април 1999 до 19 април 1999 година на имот во Злаш, Косово, кој служел како затвор. Понатаму се тврди дека еден затвореник бил убиен на таа локација помеѓу приближно 19 април 1999 година и крајот на април 1999 година.

Потврденото обвинение го товари Сали Мустафа за различни форми на кривична одговорност за: произволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиство како воени злосторства извршени во контекст на вооружен судир во Косово и во врска со тој конфликт.

Салих Мустафа е член на организацијата Национално ослободително движење од 1988 година, под раководство на Африм Зити, Фахри Фазли и Фадил Вата. Тој беше уапсен во 1993 година и осуден на пет години затвор за организирање вооружено востание.

Во август 1997 година, по издржувањето на затворската казна, Мустафа се занимаваше со организирање и распоредување на ОВК во регионот на Приштина, Обилиќ, Гњилане, Витина и Каменица.

Тој ги водеше герилските единици на ОВК наречени герилци на БИА сè до формирањето на оперативните зони Лап и Карадак.

Судијата на претходна постапка од безбедносни причини наложи обвинението за Салих Мустафа да се објави во редигирана верзија.

Еве еден дел од таа верзија:

– Кривичните дела за кои се однесува ова обвинение се случиле во контекст на вооружениот конфликт и се поврзани со вооружениот конфликт во Косово меѓу ОВК и силите на СРЈ и Република Србија, вклучително и единици на Југословенската армија, полициски единици и други единици на Министерството за внатрешни работи, како и други групи кои се бореле на страната на СРЈ и Србија.

– ОВК имаше командна структура, контрола над територијата и планираше и извршуваше операции во Косово. Вооружени конфликти, во кои учествуваа разни сили, беа спроведени низ Косово пред, за време и по инкриминираниот период.

– Единицата на Агенцијата се состоеше од приближно 500-600 војници, кои дејствуваа главно во урбаните области на Приштина и Обилиќ и во нивните околината, како и во областа Голак, каде што се наоѓа селото Злаш. Во текот на целиот период опфатен со ова обвинение, единицата на Агенцијата дејствуваше од еден имот во Злаш, кој се состоеше од неколку згради. Единица на Агенцијата тој имот го користеше како скривница и место за затвор и испрашување на лица. Кривичните дела наведени во ова обвинение ги извршиле одредени припадници на ОВК против лица затворени на имотот во Злаш. Сите жртви на овие злосторства биле граѓани СРЈ кои не учествувале активно во воените дејствија.

– Војниците, полицијата и чуварите на ОВК имаа заедничка цел да ги испрашуваат и злоупотребуваат затвореници кои се наоѓале на имотот во Злаш. Таа заедничка цел значеше извршување кривични дела самоволно лишување од слобода, суров третман, мачење и убиство.

– Алтернативно, Салих Мустафа и другите учесници во тоа заедничко злосторничко дело дејствувале во рамките на заедничката намера за извршување на овие кривични дела. Салих Мустафа можеше да предвиди дека еден или повеќе учесниците можеле да сторат кривично дело убиство или да користат други лица за извршување кривични дела како дел од заедничка цел. Знаејќи дека убиства се можни последица од постигнувањето на заедничката цел, Салих Мустафа своеволно се согласи на тој ризик.

– Салих Мустафа носи индивидуална кривична одговорност како надреден.

– Во целиот инкриминирачки период, Салих Мустафа беше командант на единицата на Агенцијата и признат лидер на имот во Злаш кој служел како затвор. Тој де јуре и де факто ги водеше и командуваше со припадниците на ОВК кои извршија кривични дела наведени во ова обвинение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.