Двајцата лидери Алексис Ципрас и Зоран Заев ќе треба да се сретнат некаде, дали тука, дали таму, дали на некое трето место, бидејќи започнува нова ера, меѓутоа во овој момент, не постои нешто конечно, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос на брифингот со странските дописници во Грција, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа дали е планирана некаква посета на грчкиот премиер на Скопје или на македонскиот премиер на Атина.

Постојат размислувања, но мислам дека во овој момент нема нешто конечно. Секако дека двајцата лидери треба да се сретнат негде дали овде, таму или на трето место, бидејќи навистина започнува нова ера. Во Грција не се свесни колку многу работи правите вие во Македонија, бидејќи обврските што доаѓаат од кај вас се многу повеќе – рече Катругалос.

За реакциите во врска со Договорот од Преспа, алтернативниот шеф на грчката дипломатија коментираше дека во главно се емотивни. Објасни дека постојат два вида на реакции, од една страна се радикалните десничари и националистите, кои што се во мал број, а од друга страна постојат и реакциите на голем дел од народот, патриоти кои што не се фашисти, а оваа реакција се должи на повредената национална гордост од осум годишната меморандумска политика.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали можеби на средбата на грчкиот премиер Алексис Ципрас со Вселенскиот патријарх Варотоломеј станало збор и за црквата, Катругалос рече дека тоа се црковни прашања.

На брифингот во седиштето на Здружението на странски дописници во Атина, одговарајќи на новинарско прашање во однос на комисиите за трговските ознаки и за учебниците, Катругалос објасни дека едната, за трговските ознаки ќе се формира откако ќе стапи во сила договорот, додека пак онаа, веќе формираната за учебниците продолжува со работа, а набргу ќе се одржи и нова средба.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.