Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во интервју за грчкото радио „Сто кокино“, утрово рече дека со Договорот од Преспа почнува нов период на добри, билатерални и пријателски односи меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Катругалос објасни дека вчера беше испратена вербалната нота, но и заедничкото писмо од двете земји до Обединетите нации „во кое на генералниот секретар му изјавуваат дека конечно завршија со спорот што траеше речиси 30 години“.
Како што имаме кажано многу пати беше добар договор со кој, прво почнува нов период на добри, билатерални, пријателски односи меѓу двете земји, но можеби поважно од ова е дека го стабилизира поширокиот регион на Балканот и ни дава вреден политички капитал за да го потрошиме таму каде што треба, на истокот од нашата земја – рече Катругалос.
Говорејќи за позициите на опозициската Нова демократија, алтернативниот шеф на грчката дипломатија рече дека во внатрешноста на партијата постои поделба. Од една страна се оние кои биле поврзани со надворешната политика, „како на пример Бакојани кои знаат дека договорот е добар“, а од друга страна се оние кои се со радикални ставови.
Во однос на најавите на лидерот на грчката опозициска партија, Кирјакос Мицотакис, дека нема да го напушти правото да стави вето на патот на нашата земја кон ЕУ, Катругалос рече дека е „очигледно е дека Грција го задржува правото на вето во било кое време од преговорите, не само за прашањата поврзани со европското законодавство, туку и за прашањата што се однесуваат на спроведувањето на Договорот од Преспа, бидејќи тоа се прашања за добрососедски односи“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.