Крвавиот инцидент што се случи вчера при молитва во џамијата „Дине Хоџа“ во Тирана, оди во антитерористичка истрага, јави Топ чанел телевизија.

Рудолф Николи (34), од Бурел, со нож избоде шестмина верници и членови на џамискиот одбор и откако ја напушти џамијата, се обидел да повреди и луѓе на улица, но подоцна бил неутрализиран од граѓаните.

Овој сериозен случај ќе го испитува одделот за антитероризам, бидејќи се квалификува како најтешко кривично дело. Случајот, сепак, може да го смени курсот во зависност од истрагата, потврдуваат извори од овој сектор за телевизијата.

Според телевизијата, еден од повредените имал длабока рана во пределот на абдоменот и му бил извршен оперативен зафат, но сите се вон животна опасност.

Таткото на напаѓачот за агенцијата Балкан веб изјави дека семејството се припадници на католичката вероисповест, но синот во плурализмот конвертгирал во ислам и се молел во џамии.

Кога дојде ова време на демократија, имаше еден имам кој ги земаше децата и се обидуваше да ги претвори во муслимани. Тогаш момчето почна да се моли. Тој ми го зеде детето во џамија, рече таткото и додаде дека Рудолф неколку месеци бил во депресија.

Поглаварот на албанската муслиманска заедница, Бујар Спахиу, во вчерашната реакција, ги повика надлежните органи што побрзо да го „разјаснат овој настан што ги повреди верниците во овие денови на Рамазан“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.