Албанскиот премиер, Еди Рама, во ексклузивно интервју за познатиот германски весник „Билд“, ги обвинува шефовите на државите членки на Европската Унија за блокирање на пристапот на Албанија и Македонија.

Рама вели дека ЕУ ги „прекршила ветувањата“ и води до „раздор“ меѓу народите на Балканот со „политички цинизам“.

Како во „Чекајќи го Годо“. Тоа беше долго негувана амбиција на нашите нации, Албанија и Македонија, да се приклучат на Европската Унија и на тој начин да им овозможат на нашите граѓани да имаат корист од слободниот пазар и да учествуваат во оваа голема демократија. Дозволете ми да разјаснам една работа: како премиер на Албанија, целосно знам дека не сме подготвени денес да влеземе во Европската Унија, ниту Македонија или остатокот од Западен Балкан, дека има многу барања кои двете земји треба да ги исполнат за да станат членки на ЕУ – вели Рама во ексклузивниот напис под наслов „Само се зборува, но ништо не се случува“.

Тој додава дека, сепак, и двете земји ги исполниле неопходнте услови за да го почнат преговарачкиот процес.

Рама посочува дека за таков почеток на преговорите одлучи и самиот Совет на ЕУ во 2018 година.

„Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет е драма која ја претставува празнината, чекањето како празно дејство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.