Хрватска денеска влезе во третата фаза на олеснување на епидемиолошките мерки – училиштата ги отвораат своите врати за некои ученици, а по пауза од скоро два месеци, трговските центри, кафулињата и рестораните утрово почнаа со работа, но со строги препораки кои детално ја регулираат нивната работа.
Сепак, кафулињата во центарот на Загреб останаа пусти. Екипата на „Индекс“ помина низ неколку места, кои пред пандемијата секогаш биле преполни со народ, но денеска таму немаше ниту еден гостин.
Стравот сепак надвладеа над решенијата на хрватската влада.
Инаку, кафулињата и рестораните можат да бидат отворени од 6 до 23 часот, а растојанието помеѓу масите мора да биде 1,5 метри. Тие ќе можат да работат и внатре, не само на терасите, како што беше првично најавено.
Масите ќе бидат празни додека не пристигнат гостите, а приборот ќе се поставува кога гостите ќе седнат. Се препорачува менијата да бидат истакнати на влезот на објектот или на друго видно место во соодветно пластифицирана форма, односно се препорачува да се отстранат класичните форми на менија.
Не е дозволено задржување на шанковите во кафулињата. Назначен е еден вработен кој служи однапред утврден број маси со цел да се минимизира мешањето на вработените и гостите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.