Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, реагираше на документот објавен во „ЕУ Обсервер“ во кој се вели дека е доведен во прашање безвизниот режим со ЕУ за источните земји.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јохансон појасни дека Европската комисија предложила алатка за суспендирање на безвизниот режим за земјите што не ги почитуваат своите обврски за реадмисија, но дека земјите од Западен Балкан не се засегнати.

Имаме нова алатка во раце во визниот кодекс според кој Комисијата секоја година проценува како третите земји соработуваат за реадмисија и ако тоа не го прават, предлагаме санкции за олеснетиот визен режим кон овие земји. За првпат Комисијата го презентираше летово и сега се процесуира, но ниедна од земјите од Западен Балкан не се наоѓа во нашиот предлог – изјави Јохансон.

Утрово „ЕУ Обсервер“ објави дека меѓу земјите членки циркулира интерен документ спорд кој овозможува враќање на визниот режим за земји чии граѓани не ги почитуваат своите обврски во рамките на договорите за либерализација на визите.

Во документот станува збор најчесто за граѓани од Молдавија, Грузија и Украина, но Франција и Германија, меѓу другите, се пожалиле и на зголемен број на неосновани барања за азил од страна на жители на Србија и Албанија.

Од Европската комисија велат дека повеќе детали за овој документ треба да се побараат од Советот на ЕУ каде што заседаваат земјите членки, но дека ваков предлог во Европската Комисија нема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.