Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, за веме на обраќање пред европратениците во Стразбур, истакна дека во октомври е можен напредок во процесот на проширување со Скопје и Тирана доколку има согласност на земјите-членки.

Словенечкиот премиер изјави дека не ги разбира земјите-членки на ЕУ кои се противат на проширувањето, но смета дека е потребна дебата на темата.

Постои дилема во Европа дали проширувањето е од стратешка важност или не – вели Јанша.

Тој нагласи дека, според него, други сили влијаат врз регионот на Западниот Балкан.

ЕУ поминува премногу време за тактички да одговара на последиците создадени од другите. ЕУ е прекрасна идеја и сакаме други земји да се приклучат, правиме сѐ што можеме да им помогнеме на овие земји да се приклучат – изјави Јанша, чија земја на први јули го презема раководството на ЕУ за шест месеци.

Според Јанша, проширувањето треба да биде врвен приоритет во Советот на ЕУ.

ЕУ прави големи чекори напред кога се фокусира на нештата, ако проширувањето стане шеста тема на дневен ред никогаш нема да стигнеме до темата, ако ја кренеме темата ќе можеме да направиме конкретни чекори напред. Албанија и Македонија можат да одат напред на следниот самит во октомври ако се концентрираме сите на тоа. Европската Комисија помага, но тоа е политичка одлука – вели шефот на словенечката влада.

Јанша додаде дека тој не ги разбира противниците на проширувањето и изрази надеж дека со дебатите во рамките на Конференцијата за иднината на Европа ќе се отвори таа дискусија.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која исто така учествуваше на прес-конференцијата, нагласи дека Западниот Балкан е дел од европското семејство, но дека треба прво да ги оствари потребните реформи и исполни условите.

Целта е да ги започнеме Меѓувладините конференции со Албанија и Македонија, тоа се многу конкретни чекови, а ние како Комисија поднесовме инвестициски план од 9 милијарди евра за поддршка Западниот Балкан да го развие регионалниот пазар, што е подготовка за приклучување кон заедничкиот ЕУ пазар – изјави фон дер Лајен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.