Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, истакнува дека во земјата има 40-ина потврдени случаи на Делта варијантата на корона вирусот, додавајќи дека четвртиот бран ќе биде неизбежен ако најмалку 70 проценти од населението не биде вакцинирано до крајот на летото.

Ако не достигнеме 70 проценти, тогаш ќе имаме четврти бран и сè ќе биде затворено наесен – изјави Јанша, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со состојбата на епидемијата.

Словенечкиот премиер вели дека во Словенија, но и во Европа, вакцинацијата треба значително да се зголеми, за ова лето и есента да поминат што е можно понормално.

Ако наесен имаме тежок бран во Европа, поради Делта варијантата, тогаш за тоа ќе бидеме сами виновни. Тогаш ќе треба да се запрашаме како успеавме толку брзо да развиеме и произведеме ефикасна вакцина против Ковид-19, а не можеме да ги убедиме луѓето да се вакцинираат – истакна Јанша.

Тој изјави дека некои земји-членки на ЕУ веќе подготвуваат законски решенија за задолжителна вакцинација против Ковид-19 на некои категории население, дека некои размислуваат за задолжителна вакцинација на сите возрасни лица, некои за задолжителна вакцинација на медицинскиот персонал, на вработените во домовите за стари лица, вработените во туризмот и слично, а ќе предложат и укинување на правото за бесплатно тестирање на оние кои не сакаат да се вакцинираат.

Иако ова засега не е предлог на Владата, Словенија ќе мора да дискутира за ваквите решенија и да донесе конечна одлука – изјави словенечкиот премиер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.