Претседателот на Партијата за демократска акција, Бакир Изетбеговиќ, изјави дека Босна и Херцеговина има на располагање стравично оружје и додаде дека за тоа треба да размислат сите што имаат лоши намери кон неговата земја.

Изетбеговиќ ја посети фабриката за оружје и муниција „Бинас“ во близина на Бугојно, каде што присуствуваше на демонстрација на ефикасноста на некои од нивните производи, а потоа, лидерот на владејачката бошњачка партија изјави дека е импресиониран од тоа што го видел.

Бевме присутни на презентација на нова граната произведена од „Бинас“ во Бугојно со дострел од над две илјади метри која пука многу фреквентно и рафално. Тоа е стравично оружје во рацете на Босна и Херцеговина – изјави Изетбеговиќ.

Тој додаде дека секој напредок направен од воената индустрија на БиХ е чекор кон консолидирање на мирот.

Ова е обесхрабрувачка порака за сите оние кои може да имаат лоши намери во врска со БиХ – додаде Изетбеговиќ, воодушевен од изведбата на фрлачите на гранати и муницијата што се произведуваат во Бугојно.

Пред две години, Изетбеговиќ предизвика низа реакции по објавата дека БиХ, односно Федерацијата, посилно ќе ја развива својата воена индустрија за, како што рече, „не дај Боже“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.