Претседателот на Албанија, Илир Мета, ја осуди зачестената појава на сексуално злоставување на девојчиња во земјата и ги поздрави и поддржа протестите кои се одржуваат во повеќе градови.
Силно ги осудувам неодамнешните случаи на сексуална злоупотреба на девојчиња во Албанија и се солидаризирам во поддршка на граѓанските протести против ова злосторство, кое заслужува строга законска казна – порача Мета на Фејсбк.
Тој при тоа постира повеќе фотографии од протестите што се одржа во центарот на Тирана, на плоштадот „Скендербег”, како и во неколку градови во земјата.
Протестите се во организација на граѓански организации, откако „чашата ја прелеа” веста за групно силување на 15-годишно девојче во Решен, област Мирдита, во северниот дел на Албанија.
Во врска со ваквите немили случаи во земјата реагираше и Поглаварот на муслиманската заедница во Албанија, Бујар Спахиу, оценувајќи ги како неприфатливи. Тој побара брза реакција на надлежните органи, како и на целото општество.
Универзитетската професорка Мајлинда Кета, која учествуваше на маршот што се одржа вчера за заштита на правата на жените и девојчињата, за „Ора њуз“ изјави дека сиромаштијата и ниското ниво на воспитување влијаеле на феноменот на сексуална злоупотреба.
Албанското семејство сè уште се бори за опстанок. Таму каде што сиромаштијата е голема, незнаењето добива основа. Училиштето ја губи моќта, правдата исчезнува. А тоа сè додека немаме силна економија, особено целосно насочена кон области со ризик – оценува Кета.
Според неа, освен зајакнувањето на економијата неопходни се поголеми финансии во образованието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.