Лидерите на Србија и на Косово потпишаа договор со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалниот кабинет во Белата куќа.Според тврдењата на српската страна, од договорот е исфрлена точката 10, која предвидувала взаемно признавање на Косово и Србија, но според албанските аналитичари самиот чин на потпишување на договор меѓу две страни, значи дека тие се признаваат.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека има многу разлики меѓу Белград и Приштина, но дека ова е голем чекор напред, пренесува РТС, повикувајќи се на Ројтерс.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во Белата куќа дека Белград и Приштина се посветени на економската нормализација и дека е постигнат чекор напред кон економската соработка, пренесува Ројтерс.

Како што ексклузивно дознава „Блиц“, според договорот потпишан во Вашингтон денеска, Приштина, меѓу другото, ќе се приклучи на иницијативата за мини Шенген, без одлагање ќе започне изградбата на нови патишта и пруги, што подобро ќе го поврзе регионот, а во Белград ќе биде отворена канцеларија.

Делегацијата на Косово доцнеше на состанокот во Белата куќа на средбата со претседателот на САД бидејќи Алијансата за иднината на Косово се спротивставува на договорот со Србија.

Партијата предводена од Рамуш Харадинај се спротивставува на договорот во кој езерото Газивода е една од точките.

По средбата во Белата куќа, Вучиќ и Хоти треба да се сретнат одделно со американскиот државен секретар Мајк Помпео, објави Гласот на Америка.

Церемонијата на потпишување на договорот, иако беше најавена, не беше пренесувана во живо, објави Си-Ен-Ен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.