Укинување на едноставниот пропорционален систем, и повторно воведување на бонус пратенички места за првата партија во зависност од освоениот број гласови, предвидува новиот изборен закон во Грција. Предлог законот од вчера е пред пратениците на расправа во Парламентот, а во вечерните часови се очекува да биде ставен на гласање, јави дописничката на МИА од Атина.
Со новиот закон, бонус ќе добие партијата што на изборите ќе освои најмалку 25 отсто од гласовите, а бројот на пратенички места ќе се зголемува согласно освоените гласови.
Партијата што ќе освои 25 отсто ќе добие бонус 20 пратенички места, од 25 до 40 отсто ќе добие едно пратеничко место плус за секои 0,5 проценти од гласовите.
Партијата победник на изборите ќе може да добие бонус од најмногу 50 пратенички места доколку освои 40 отсто од гласовите.
Со промените во законот не се согласуваат опозициските партии СИРИЗА, Движење на промена и МЕРА25.
Промени во изборниот закон беа направени и за време на владата на СИРИЗА, меѓутоа беа изгласани со обично мнозинство и предвидено беше да стапат на сила на следните избори.
Воведување пропорционален модел и укинување на бонусот од 50 пратенички места за првата партија, беа предлозите за измени во изборниот закон кои ги донесе СИРИЗА во 2016, меѓутоа не беа изгласани со двотретинско мнозинство што беше предуслов да се применат на следните избори. Па така последните парламентарни избори во јули минатата година, се одржаа по стариот систем
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.