Хрватската полиција спречила четворица членови на Европскиот парламент да го проверат третманот на хрватските власти кон мигрантите на границата со Босна и Херцеговина.

Како што објави сараевскиот портал „Кликс“, европратениците, дошле во Хрватска да ја испитаат состојбата на границата меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска по бројните предупредувања од граѓанските организации и институциите за насилство и кршење на човековите права, но биле пречекани со полициска блокада.

Четворицата европратеници, Пјетро Бартоло, Алесандро Морети, Пјер Франческо Мајорино и Брандо Бенефеи, пристигнале на границата за да проверат како Хрватска се однесува кон мигрантите, но хрватската полиција го спречила тоа без аргументи.

Како што наведува порталот, ситуацијата во шумата Бојна, која ѝ припаѓа на хрватската територија, била прилично напната и полицијата „го бркала потпретседателот на Комисијата за граѓански права на ЕУ, Пјетро Бартол и неговите колеги, со цел да ги спречи да дојдат на местото каде обично се спречуваат мигрантите да влезат во Хрватска“.

Кога пристигнале европратениците, патот бил блокиран од неколку полициски комбиња и околу 20 гранични полицајци.

По долги и бескорисни преговори, делегацијата и тројца новинари ја поминаа полициската лента со намера да стигнат до границата меѓу БиХ и Хрватска, која во тој момент беше оддалечена помалку од 300 метри. Тогаш на полицијата ѝ беше наредено да стигне до групата и да ја спречи да дојде до контролниот пункт во шумата. Полицајците стигнаа до групата, неколкумина ги грабнаа новинарите, додека околу 10 други го блокираа преминот кон парламентарците – се наведува порталот.

Европските парламентарци прашале што се крие зад таквата постапка и зошто не им е дозволено да поминат ако Хрватска ги почитува меѓународните стандарди, како што тврди.

Хрватски дипломатски извори се обиделе да ги оправдаат постапките на полицијата, тврдејќи дека присуството на парламентарците можело да предизвика илегални акции на мигрантите од страната на БиХ.

Ако сметате дека сме планирале да извршиме кривично дело, тогаш треба да напишете официјална жалба и да ни објасните што конкретно сторивме – рекол Бенефеи во горчливиот телефонски разговор со хрватскиот амбасадор во Италија.

Исто така, се наведува дека не е исклучено Европската Унија и Италија да побараат од Загреб објаснување за ваквите постапки на полицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.