Според податоците на хрватската Државна изборна комисија, по пребројаните 99,17 отсто од гласовите во вториот круг на локалните избори, кандидатот на партијата „Можеме!“, Томислав Томашевиќ, со 65,29 насто гласови од граѓаните е избран за нов градоначалник на Загреб. Тој, по речиси 20 години владеење на неодамна починатиот загребски градоначалник Милан Бандиќ, ќе го преземе кормилото на хрватската престолнина.
Како што објави „Дојче веле“, кандидатот на зелените и левата опција вети дека како градоначалник ќе се бори против корупцијата во Загреб.
Им благодарам на сите Загрепчани и Загрепчанки кои ни ја дадоа довербата и ќе дадеме сѐ од себе тоа да го оправдаме – изјави Томашевиќ.
За неговиот противкандидат, Мирослав Шкоро од десно-популистичкото Татковинско движење гласаа 34,71 отсто од жителите на Загреб. Шкоро ги повика сите да му честитаат на Томислав Томашевиќ.
Во Сплит, пак, кандидатот на партијата Центар, Ивица Пуљак, со 59,82 насто од гласовите е избран за градоначалник. Кандидатот на партијата ХДЗ, Вице Михановиќ, освои 40,87 отсто. Во Риека победата ја однесе кандидатот на партијата СДП, Марко Филиповиќ, а во Осјек кандидатот на ХДЗ, Иван Радиќ, како и во Задар каде за ХДЗ победи Бранко Дукиќ.
Партијата ИДС го загуби местото градоначалник во Пазин, а веројатно и во Пула.
Претседателот на владејачката партија на државно ниво ХДЗ, Андреј Пленковиќ, заклучи дека ХДЗ е победик на овие локални избори во Хрватска.
Сакам навистина да го искажам единствениот став на целото водство, а тоа е дека ХДЗ е апсолутен, колосален победник на овие избори, победивме во 15 од 20 жупании, што никогаш не се случило – изјави Пленковиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.