Премиерот на Косово во заминување Рамуш Харадинај го заврши интервјуто пред Судот за воени злосторства во Косово, каде што, како што рече, ги послушал правните совети и се бранел со молчење.
Во изјава за косовските медиуми по напуштањето на судот во Хаг, Харадинај рече дека по денешното интервју нема други обврски кон Судот и најави дека ќе се врати во Косово и дека е подготвен за новите парламентарни избори.
Го прифатив правниот совет, а не одговарам воопшто на прашањата. Со ова моите правни обврски кон Судот се завршија и други обврски немам. Ова е сето што можам го да кажам денеска. Нема некаков материјал, содржина за тоа за што станува збор и правниот совет беше да не навлегувам во дискусии. Не знам за што сум повикан, побарав објаснување, но не добив конкретен одговор. Заради мојата улога во Ослободителната војска на Косово, секако, но не за нешто конкретно – изјави Харадинај.
Тој, како што јави дописникот на МИА од Приштина, најави дека веднаш по враќањето во Косово ќе се вклучи во политичкиот живот.
Се враќам, како и сите други во политиката, за да се доближам до граѓаните, со тие теми кои се во интерес на граѓаните. Подготвен сум за се. Било да не повика собранискиот спикер за распуштање на парламентот или претседателот на државата за одредување датум за избори. Развојот на настаните не е едноставен, бев принуден да дадам оставка, да одиме на избори. За среќа состојбата во Косово е стабилна – изјави Харадинај.
По добивањето на поканата од Специјалниот суд во Хаг, Харадинај поднесе оставка од премиерската функција, порачувајќи дека пред трибуналот сака да се појави како граѓанин, а не како премиер на Република Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.