По синоќешните изјави на неговиот македонски колега, Зоран Заев, косовскиот премиер Рамуш Харадинај реагираше дека на маса сè уште е идејата за размена со територии и дека позади истата стојат Русија и Турција, пренесува косовскиот медиум „Газета експрес“.

Преку „Фејсбук“, првиот човек на косовската влада напишал дека никој нема да го одвои Косово. Понатаму, тој додаде дека суверенитетот, интегритетот и недопирливоста на Косово ќе бидат заштитени по секоја цена.

„Газета експрес“ пренесува дека само еден ден претходно, беше објавено дека премиерот на Македонија, Зоран Заев, преку телефонски повик кој го добил од двајца руски комичари, мислејќи дека разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко, зборувал за планот за промена на границите на Косово, велејќи дека зад овие цели стојат интересите на Русија и Турција.

Во телефонски повик објавен на страницата на двата комичари на Јутјуб, Заев, мислејќи дека разговара со Порошенко, изјавил дека за идејата за промена на границите се согласиле и двајцата претседатели, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, но тоа може да предизвика нова војна на Балканот и дека канцеларката Ангела Меркел е целосно против идејата. Давајќи понатаму детали, Заев изјавил дека ова подразбира дека Косово треба да ѝ даде на Србија 10 општини. Во вторникот на прес-конференција, Зоран Заев призна дека бил измамен,  пренесува „Газета експрес“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.