Косовскиот премиер Рамуш Харадинај повторно ја обвини шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини дека е одговорна за штетата нанесена на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Со тоа, како што кажа, предизвикала политичка драма не само на косовската територија, туку и во регионот.
Харадинај ова го кажа на собир по повод потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, реагирајќи на изјавата на шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Приштина Наталија Апостолова.
Апостолова ја повика Приштина да ги укине наметнатите царини на увозот од Србија и Бих.
Наметнатите стоотстотни царини на стоката од Србија не се само кршење на ЦЕФТА договорот, тие не се ни во духот на Договорот за стабилизација и асоцијација, кажа Апостолова.
За Харадинај одговорна е Федерика Могерини.
Могерини предизвика големи трауми во регионот, дијалогот е исфрлен од колосек, кажа косовскиот премиер. Весникот Коха пренесува дека тој додал дека Приштина се „соочува со предизвици кои потекнуваа од Договорот за стабилизација и асоцијација“.
Не можеме да ги постигнеме сите цели од Договорот, поради тешкотиите кои ни ги создава комесарката Федерика Могерини. Сето ова е последица на разговорите за размена на територии, кажа Харадинај.
Тој оцени дека Договорот за стабилизација и асоцијација е одличен, со напомена дека Приштина се обврзала дека ќе ги изврши своите „меѓународни обврски за јакнење на демократизацијата, воспоставувањето на стабилноста, реформа на администрацијата и јакнењето на безбедноста“.
Договорот е нов почеток за косовската економија, бидејќи Косово може да извезува во земјите од ЕУ, но старата рана останува, а тоа е недостигот од визна либерализација, кажа Харадинај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.