Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача дека зачленувањето на Косово во Европската унија ќе го зајакне мирот и ќе го ослабне влијанието на Русија, чиј интерес е „да одржува хаотична ситуација во регионот“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервјуто за „Фајненшел Тајмс“, што го објави на својата Фејсбук-страница, Харадинај му порачува на Брисел дека треба да ги земе сериозно аспирациите на неговата држава за зачленување во ЕУ за да се избегне натамошната дестабилизација на Балканот.

Косовскиот премиер ја обвинува Србија дека дејствува во интерес на Русија во правец на дестабилизација на регионот.

– Веруваме дека Европа ни даде можност, односно патоказ за тоа како да станеме членки на ЕУ и за тоа сме благодарни, вели Харадинај во интервјуто за ФТ.

Тој ја обвинува Србија за дипломатската офанзива со цел да ја оспори државноста на Косово и оценува дека ниту лидерите на ЕУ не дадоа соодветен одговор на поплаките на Приштина за однесувањето на Белград.

– Додека ЕУ продолжува да инвестира во фондови и персонал за нормализирање на ситуацијата во Косово и во регионот, сите дејствија на Србија се против интересите на ЕУ за стабилизација на Западен Балкан и во полза на руските интереси за продолжување на оваа хаотична ситуација во нашиот регион, истакна Харадинај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.