Косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај ги повика партиите победнички на октомврските избори што поскоро да ги формираат државните институции, нагласувајќи дека одговорноста за евентуалниот неуспех ќе ја сноси лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај изјави дека неговата партија, Алијансата за иднината на Косово (ААК), нема да учествува во преговорите меѓу ВВ и Демократскиот сојуз на Косово и ќе стои настрана и во дискусиите за избор на новиот претседател на државата во 2021 година.
Ние сме опозициска партија. ААК не е дел од двопартиските разговори ЛДК – ВВ. Во принцип, не е ова за да ѝ се отежне работата на едната страна, но товарот паѓа врз мандатарот да ја состави владата. Одговорноста е на ВВ и на господинот Курти. Се разбира дека страните можат да имаат понекогаш различни барања, но тој што е мандатар ја има привилегијата да ги мандатира – изјави Харадинај.
Премиерот во оставка изјавата ја даде на денешната промоција, заедно со амбасадорот на Германија во Косово Кристијан Хелд, на проектот за изградба на парк со ветерни турбини за производство на електрична енергија во областа Бајгора.
За реализација на проектот вреден 170 милиони евра вчера беше потпишан договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а предвидено е изградбата на 27 турбини да заврши во 2021 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.