Економијата за четири од десет Грци е најважниот проблем за земјата, пред епидемијата; 84 отсто од граѓаните се против предвремени парламентарни избори; Владата добива негативна оцена за македонското прашање; 64 проценти сметаат дека земјата оди во правилна насока, владејачката Нова демократија е во предност од речиси 20 проценти пред СИРИЗА, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysi“ за грчката телевизија „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.

За разлика од анкетата направена минатиот месец, кога епидемијата беше најважниот проблем за граѓаните, сега за 41 отсто од анкетираните е економијата, а потоа, за двајца од десет испитаници е Ковид-19. Следи невработеноста (14 отсто) и бегалското/миграциското прашање (седум отсто).

Против предвремени парламентарни избори се 84 отсто од анкетираните, а 64 проценти сметаат дека земјата оди во правилна насока.

Над шест од десет анкетирани (63 отсто) ја оценуваат позитивно работата на Владата, додека пак 69 проценти имаат негативен став за позицијата на СИРИЗА како главна опозициска партија.

Во однос на впечатоците на анкетираните за работата на Владата, позитивна е оцената за управувањето со новиот коронавирус , дигиталната трансформација на земјата, криминалот, за грчко – турските односи, културата, животната средина и даночната политика.

Најмалку позитивни впечатоци за работата на Владата, испитаниците имаат за македонското прашање (34 отсто позитивни, 46 проценти негативни), а во истата група, со негативна оцена се и работните односи, миграциското прашање и економијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.