Половина од анкетираните грчки граѓани во истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата „Метрон анализис“ (Metron Analysis) за грчката телевизија „Мега“ сметаат дека Грција се движи во погрешна насока. Како најголеми проблеми во земјата, голем дел од Грците ги оценуваат економијата и пандемијата.

Работата на Владата во однос на Ковид-19 и јавното здравје, 53 отсто од анкетираните ја оценуваат негативно, а 42 проценти позитивно, додека, пак, на прашањето кој е најголемиот проблем за земјата тројца од десет анкетирани ги избрале економијата и пандемијата.

Во однос на вакцините, 78 отсто од испитаниците, без разлика дали се вакцинирани или не, изразиле позитивен став, 75 проценти веќе се имунизирани, а 11 отсто одговориле дека нема да се вакцинираат.

Речиси седум од десет анкетирани, сметаат дека пандемијата ќе заврши по 2022 година.

На политичката сцена, владејачката Нова демократија и понатаму е во предност пред опозициската СИРИЗА со 11,1 отсто, а Кирјакос Мицотакис со 38 проценти е посоодветен за премиер во споредба со Алексис Ципрас, кој добива 16 отсто.

Тројца од десет анкетирани, на конкретното прашање не одбрале ниту еден од понудените лидери на партиите.

Истражувањето на јавното мислење било спроведено од 21 до 27 септември 2021 година, со анкетирани 1.200 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.