Топол бран со температури и до 28 степени Целзиусови предизвика масовна посета на плажите и парковите во Грција, без оглед на карантинските мерки поради епидемијата на корона вирусот. Температурите во Грција се очекува да бидат високи до среда.

Според Атинската национална опсерваторија, температурата во Ханија, на јужниот остров Крит, достигнала 28,3 степени, што е една од највисоките јануарски температури во последните педесет години. Вообичаената температура во овој период од годината во Грција е околу 15 степени.

Во Атина, каде што термометрите достигнаа 22 степени Целзиусови, луѓето ги исполнија плажите, плоштадите и парковите.

Времето е прекрасно, а ние претежно сме заглавени дома – вели жител на грчката престолнина од плажата Кавури, близу Атина, објаснувајќи зошто е таму со многутемина што шетаа, а некои и пливаа.

Полицијата залудно патролираше обидувајќи се да се избегне преголема концентрација на населението. Полициските службеници со мегафони ги потсетуваа луѓето да одржуваат социјална дистанца и ги казнуваа оние што не носеа маски.

Грција е во карантин од почетокот на ноември, а властите се обидуваат да го избегнат третиот бран на пандемијата по прославата на Божиќ и Нова година. Во петокот, ограничувањата, кои требаше да завршат на 11 јануари, беа продолжени за уште една недела. На почетокот од неделава се отворија само јаслите, градинките и основните училишта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.