Реакции во Грција, како на социјалните мрежи, така и од опозициските партии предизвикаа фотографиите од собирот и ручекот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и неговите соработници во куќа на пратеник на Нова демократија на островот Икарија, во период кога во земјата се во сила строги рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис вчера беше во посета на три острови, оствари средби со локалните власти и ги посети центрите за вакцинација, а додека беше на Икарија, пратеникот Христодулос Стефанадис организираше ручек на терасата од неговата куќа во чест на премиерот.

Според фотографиите објавени на социјалните мрежи собрани се најмалку 20 лица, и покрај забраната за собири во домовите, а експресно и остро реагираа опозициските партии.

Од СИРИЗА и Движење на промена коментираат дека станува збор за провокативно однесување, за ароганција на Владата и за прекршување на мерките.

Портпаролот на СИРИЗА Насос Илиопулос вели дека „човекот кој веќе една година ги кара граѓаните за индивидуалната одговорност, без самиот да преземе било каква одговорност, сега ги надмина сите граници“ и додава дека „провокативното кршење на сите здравствени мерка на корона-забавата на Икарија  предизвикува бес“.

-Да се запрашаме, што ќе се случеше, ако целиот овој собир, со над 40 лица, како што се гледа и на видеото, беше приватен ручек на обични граѓани, вели Илиопулос во интервјуто за радиото „Реалфм“ и додава дека Мицотакис му должи извинување на грчкиот народ за „учеството во корона-забавата“  и истакнува дека ако Грција е земја во која владее правото, треба да учесниците во ручекот да им се изречат казни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.