Грција утре гласа на европските и локалните избори кои добија карактер на парламентарни избори. Речиси 10 милиони Грци, од кои половина милион се нови гласачи, утре ќе гласаат на европските и локалните избори во Грција. Иако граѓаните се повикани да изберат претставници во Европскиот Парламент, градоначалници, префекти и членови на општинските и регионални совети, во предизборниот период во Грција, утрешните избори добија карактер на парламентарни избори, јави дописничката на МИА од Атина.
Оваа карактеристика произлезе и од говорите на лидерите на политичките партии за време на предизборните митинзи низ цела Грција, но и од фактот што се први избори по четири години во кои земјата излезе од кризата и меморандумската политика што носеше мерки на штедење. Глас за доверба на владата и политиката што носи позитивни мерки за закрепнување на економијата и општеството бараше грчкиот премиер Алексис Ципрас речиси од сите митинзи, глас за недоверба на владата и глас за промена, бараше лидерот на опозициската Нова демократија.
Плоштадите и улиците во центарот на Атина, веќе над две седмици се преплавени со предизборни штандови, односно мобилни штабови на партиите.
На плоштадот Синтагма во строгиот центар на Атина, се наоѓаат штандовите на владејачката СИРИЗА. Од едната страна кандидатите за градоначалник на грчката престолнина и префект на областа Атика, од другата страна предизборниот штанд за европските избори.
Волонтерите и членовите на партиите денес го прават последниот обид да ги убедат неодлучните да ја поддржат токму нивната партија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.