Од 12 февруари официјалната употреба на името на северниот сосед е „Република Македонија“, краткото име „Македонија“, а придавките за државата и органите ќе биде „влада/министер на Република Македонија или Македонија“, пишува во информативниот циркулар од грчкото МНР испратен до јавните служби со упатства и насоки за употребата на термините и правилно имплементирање на Договорот од Преспа, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Како што јавува дописничката на МИА од Атина, грчкото МНР потенцира дека новото име важи за сите употреби, за сите цели и во сите меѓународни и регионални организации, институции и форуми, но и во билатералната службена пошта. Во спротивно, доколку нема придржување до правилната употреба на името и термините, службената пошта, нема да биде примена и ќе се враќа назад до испраќачот.

Во однос на документите, во циркуларот се објаснува дека новото име ќе фигурира во сите документи издадени по 12 февруари, а за време на преодниот период до издавањето на новите патни исправи, при влезот и излезот од земјата ќе се става печат според кој ќе се објаснува дека потекнуваат од Република Македонија. За конкретната тема поврзана со патните документи, според АНА-МПА, надлежните грчки власти ќе дадат посебни упатства. Паралелно престанува да важи „Меморандумот за практични мерки“ од Времената спогодба според кој на документите со старото уставно име грчките власти ставаа печат „од Грција е призната како ПЈРМ“.

За употребата на придавките за државата, владата, министрите и сл, во циркуларот, грчкото МНР објаснува дека правилно е да се користи: „Влада на Република Македонија“ или „Влада на Македонија“, „Министерот за надворешни работи на Македонија“, а не „македонска влада“ или „македонски министер“ и ова важи и за сите приватни субјекти финансирани од државата.

За државјанството, правилната употреба е „македонско/граѓанин на Република Македонија“, додека пак за регистарските таблички кратенката ќе биде НМ или НМК, а за останатите кодови за земјата остануваат кратенките МК и МКД.

За учество на грчки делегации на меѓународни средби за соседната земја потребна е официјална употреба на термините што произлегуваат од Договорот од Преспа, односно за претставниците од соседната земја треба да бидат заведени под термините „претставник/ функционер/ министер/ амбасадор на Република Македонија“.

Во циркуларот, Министерството за надворешни работи на Грција, потенцира дека грчките делегации треба да бидат внимателни и веднаш да реагираат доколку забележат погрешна употреба од трета земја или организатор или дека нема правилна употреба на името и терминологијата согласно договорот.

Во спротивно, според циркуларот, како што објави АНА-МПА, „секоја грчка делегација што учествува на меѓународна средба не треба да потпише или да одобри текстови кога во нив има погрешно споменување на името и на терминологијата врз основа на договорот“.

Минатата седмица, грчки дипломатски извори за МИА најавија дека Министерството за надворешни работи на Грција, во следните денови ќе испрати циркулар до јавната администрација со кој ќе ги информира за промената на името во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.