Министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, најави дека се разгледува можноста за зголемено тестирање на населението, како на вакцинираните, така и на невакцинираните. Во интервју за грчката телевизија „Скај“, Плеврис, сепак, отфрли какво било сценарио за воведување карантин во земјата.

Плеврис објасни дека во следните денови надлежната комисија на епидемиолози ќе одржи состанок и ќе бидат соопштени евентуални одлуки. Тој информира дека она што се разгледува е во некој момент да постои тестирање на популацијата, за да може да постои комплетна епидемиолошка слика за земјата.

Ќе го славиме и Божиќ, ќе славиме и Нова година и бидејќи слушам различни сценарија – не постои размислување да одиме на рестрикции кои ќе упатуваат на локдаун – истакна Плеврис.

Тој објасни дека во овој момент функционираат според конкретен модел и нема да има промени, односно затворените простори и понатаму ќе бидат само за вакцинирани.

Плеврис истакна дека многу важна била одлуката да се намали на три месеци периодот меѓу втората и третата доза, „бидејќи во овој момент над 70 отсто од оние кои имаа право да примат трета доза или имаат закажано термин или веќе се вакцинирани“.

Од целосно вакцинираните над 60-годишна возраст, 90 проценти примиле трета доза, а во однос на првата доза, во оваа старосна група, имавме 580.000 невакцинирани лица. Сега, закажале термин или примиле прва доза 120.000 плус 20.000 лица побарале вакцинација во домашни услови – изјави министерот за здравство на Грција.

Плеврис објасни дека земјата се наоѓа на крајот од четвртиот бран и е во исчекување на петтиот, на варијантата Омикрон, истакнувајќи дека е важно е да се забави новиот бран, а во таа насока се и мерките воведени вчера, односно задолжителниот тест за влез во Грција, за што рече дека целта е да се ограничат увезени случаи на новиот сој.

Додаде дека „со темпото со кое што се движи Омикрон, ќе биде во фокусот во јануари и затоа од сега работиме со модели и вонредни планови“.

Вчера, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одржал состанок со надлежните министри и епидемиолози за ситуацијата со пандемијата, а според грчките медиуми на маса било сценариото за воведување задолжителен тест за влез во ноќните клубови и барови (кои работат само со вакцинирани) за периодот околу Нова година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.