Грчката влада најави еднонеделно строго заклучување, почнувајќи од недела, во обид да се намали притисокот врз здравствениот систем.

Одлуката е донесена од „причини на претпазливост“ за училиштата да можат повторно да се отворат на 11 јануари.

Продавниците и услугите што се отворија за време на божикните празници, вклучително и фризери, салони за нокти, книжарници и цркви, сега ќе бидат затворени до 11 јануари. Ќе биде засилен и ноќниот полициски час, со ограничување на движењето од 21 часот до 5 часот наутро. Ќе бидат забранети и риболов и лов.

Владата се надева дека по една недела несуштинските продавници ќе можат повторно да се отворат со помош на системот „кликни и собирај“, каде што клиентите ќе можат да ги земаат производите што ги купиле преку интернет или по телефон.

Грција влезе во втора национална блокада на почетокот на ноември во обид да се запре напливот на коронавирусни инфекции, а некои од мерките беа релаксирани за време на празниците.

На луѓето им е дозволено да го напуштат домот за работа, шопинг, посета на лекар или вежбање.

Случаите во Грција, која се справи со првиот бран подобро од многу европски земји, почнаа постепено да растат во текот на летото и се зголемија во средината на октомври. Здравствените власти регистрираа вкупно 139.447 случаи Ковид-19 и 4.881 смртни случаи до 1 јануари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.