Сега го планираме денот потоа, секогаш со главен критериум заштита на јавното здравје. Во секој случај, такво нешто не може да се случи пред 27 април, а мерките ќе се тргаат постепено, вели министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во интервјуто за грчкиот весник „Real news“, јави дописничката на МИА од Атина.
Олеснувањето на мерките ќе се утврди според степенот до кој ќе можеме да ги заштитиме ранливите групи на населението и особено старите лица. Тим од 28 водечки специјалисти за заразни болести, статистичари, секојдневно одржуваат состаноци преку видео конференција, вели Кикиљас, објаснувајќи дека април е клучниот месец.
Додава дека она што е важно е сите да сфатат дека мерките на лична заштита и хигиена треба да продолжат и понатаму да се одржуваат без отстапки.
Мерките за одржување на хигиената дојдоа за да бидат дел од нашите навики. Не заборавајте дека дури и кога ќе дојде до целосно укинување на мерките, Министерството за здравство ќе продолжи да биде во состојба на постојана будност со проверка на контакти, тестови и континуирано информирање на граѓаните, објаснува Кикиљас во интервјуто.
Министерот за здравство на Грција истакнува дека во текот на летото ќе има подготовки и напорна работа, бидејќи следната зима ќе треба да се справиме со два вируси, грипот и коронавирусот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.