Нашата намера, нашата волја, нашите напори се наставата да започне и да заврши со физичко присуство на учениците и студентите, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите во однос на новата учебна и академска година, јави дописничката на МИА од Атина.

Основните и средните училишта, следниот понеделник ќе бидат отворени, под посебни протоколи, додека пак предавањата за студентите ќе започнат на 1 октомври, а Иконому објасни дека ситуацијата сега е многу поразлична во споредба со лани, бидејќи има „висок процент на вакцинации кај просветните работници“.

Според објавените упатства од Министерството за образование на Грција, за просветните работници, односно за наставниците и професорите, задолжителен е сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 во последните шест месеци или негативен лабораториски тест два пати седмично (секој вторник и петок), што ќе биде на нивни товар.

Слични се условите и за учениците, односно и за нив ќе биде потребен документ поврзан за Кови-19, односно сертификат за вакцинација, доколку се постари од 12 години или потврда за прележана болест во последните шест месеци или изјава по направен селф тест, задолжителен два пати седмично (секој вторник и петок).

За разлика од лани кога во случај на Ковид-19 целото одделение или клас, по потврдениот случаи или случаи продолжуваа со онлајн настава, оваа учебна година, наставата со физичко присуство ќе се прекине само доколку има 50 отсто плус еден позитивен случај од вкупниот број на ученици.

При позитивен случај на Ковид-19, ученикот ќе биде во изолација најмалку десет дена и во училиште ќе се врати откако три дена ќе биде без температура и нема да има други симптоми.

Посебни правила има за блиските контакти на потврдениот случај, односно во период од седум дена потребно е дополнително тестирање на класот или одделението, односно доколку се работи за невакцинирани ученици или наставници два рапид теста, а за вакцинираните доволни се два селф теста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.