Грчкото јавно обвинителство најавува истрага за сите граѓани што се заразени или имаат симптоми на коронавирусот, а не ги почитувале препораките да останат во домашна изолација, јави дописникот на МИА од Атина.

Обвинителството од грчката област Илиас веќе почнало со повикување на сведоци, меѓу кои е и градоначалникот на Пиргос, Панајотис Андонакопулос, кој алармираше дека дел од луѓето наместо да се во домашна изолација излегуваат надвор. Говорејќи за грчката телевизија Скај, градоначалникот ги посочил луѓето кои се роднини или имале контакт со оние лица што се заболени од коронавирусот на патувања во Израел и Египет.

Прашањето на личната одговорност, за жал, е многу ниско. Говориме за луѓе што треба да се во нивните домови, а не да излегуваат, порача градоначалникот потенцирајќи дека тоа е кривично дело.

Инаку, од 73 потврдени случаи на коронавирусот во Грција, 58 се поврзани со групата што била на патување во Израел и Египет. Сите се жители на грчките региони Илиас, Ахаиас и Закинтос, каде што од минатата недела во сила се вонредните мерки, односно затворени се сите образовни институции и забранети се јавни собири, со цел да се спречи локално пренесување на коронавирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.