Учебната година во Грција се планира да започне на 7 септември, сепак постои можност да се пролонгира, бидејќи целта е една седмица пред почетокот на наставата да нема раздвиженост и патувања на учениците за да се спречи евентуалното ширење на коронавирусот, соопшти попладнево министерката за образование на Грција, Ники Керамеос и упати повик до родителите, до крајот на август да се вратат од одмор.
За сите ученици во секое одделение или клас, но и за студентите на сите факултети ќе биде задолжителна употреба на маска, а за сите ученици и просветни работници ќе бидат обезбеднени бесплатни платнени маски. Задолжителни ќе бидат во затворените простори, односно во внатрешноста на училиштата, со исклучок на паузите за јадење.
Керамеос рече дека во просек, секое одделение има по 17 ученици. Во текот на новата учебна година во Грција нема да се одржат екскурзии, ниту училишни спортски натпревари.
Доколку се појави позитивен случај на Ковид-19 кај некој од учениците, ќе се следи специјалниот протокол од Националната организација за јавно здравје на Грција, ќе се затвора одделот, а не целото училиште, ќе се врши проверка на контактите, како и дезинфикација на просторот.
Во однос на високото образование во земјата, Керамеос рече дека студентите, регуларно се враќаат во амфитеатрите на Универзитетите во целата земја, а доколку на предавањето присуствуваат над 50 студенти, ќе се одржи онлајн, а исто како и за учениците, задолжителна е употребата на маска.
Регуларно ќе работат и студентските домови во цела Грција, додека пак за библиотеките задолжителна е употребата на маска и одржување на потребното растојание од еден и пол метар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.