Советникот на косовскиот премиер Авдулах Хоти, Аљуш Гаши, побара од Грција да ја признае независноста на Косово, со што, како што вели, ќе придонесе за јакнење на соработката меѓу двете држави но и со соседните земји во регионот, објави порталот „Газета експрес“.

Според приштинскиот медиум, Гаши во колумна објавена во грчките медиуми наведува дека „откако го реши прашањето со Македонија, Грција треба да ги поправи своите односи и со Косово“.

Советникот на косовскиот премиер се повикува и на „историски добрите односи“ меѓу Грците и косовските Албанци и порачува дека „20 одини по интервенцијата на НАТО, која беше поддржана и од Грција“, време е таа држава „и официјално да го признае Косово како независна и суверена држава во нејзините сегашни граници“.

Ова признавање ќе биде потребната основа за јакнење на економската и безбедносната соработка која е потребна за доброто на Косово, Грција и соседните земји во регионот. Грците и косовските Албанци имаат историски добри односи. Многу Грци студираа и престојуваа во Косово. Научивме едни од други, ги споделувавме нашите заеднички вредности и култури, градејќи силни пријателски врски, пишува Гаши, потсетувајќи на поддршката на Грција за зачленување на Косово во Светската банка, Меѓународниот моментарен фонд и други меѓународни финансиски организации.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Аљуш Гаши во минатото бил министер за здравство, пратеник во републичкото Собрание и соработник и советник на првиот претседател на независно Косово, Ибрахим Ругова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.