Зелен развој, дигитална транзиција, социјална кохезија и вработување во здравството и образованието и приватни инвестиции, се четирите столба на Националниот план за отпорност и закрепнување на грчката Влада што содржи 170 конкретни проекти, инвестиции и реформи, што би се спровеле со средства од европскиот фонд за закрепнување и од приватни инвестиции, во висина од 57 милијарди евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Владиниот план, што денеска беше презентиран, е насловен „Грција 2.0“, што, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис значи „нова верзија на земјата во новата ера што доаѓа“ и претставува мост што Грција „ќе ја одведе не само во пост-ковид ерата, туку и во третата декада на 21 век“.
Говориме за 57 милијарди евра, ако на 32 мијарди европски средства, грантови и заеми, додадеме дополнителен значителен капитал од 25 милијарди евра што ќе бидат мобилизирани од приватниот сектор, рече Мицотакис и додаде дека новиот план може да отвори 200.000 нови работни места.
Грчкиот премиер истакна дека „обидите што започнуваат денес значат повеќе богатство за сите, повеќе работни места, особено за младите и подобро секојдневие за сите“.
За планот „Грција 2.0“ утре ќе започнат консултации во грчкиот Парламент, а откако ќе добие зелено светло од европските органи ќе биде доставен во форма на нацрт закон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.