Портпаролот на грчката влада, стелиос Пецас, соопшти дека не се исклучува повторно воведување карантин во Грција во случај на нагло зголемување на бројот на заразени од корона вирусот.
Според Пецас, властите не исклучуваат нов режим на строга изолација.
Не исклучуваме ништо кога ќе кажеме дека на едната страна од вагата го ставаме здравјето на населението и животот на луѓето, а на другата страна ја ставаме економијата. Јавното здравство е наша главна грижа и немаме дилема меѓу економијата и јавното здравство. Тоа е псевдо-дилема, бидејќи кога се соочувате со здравствена криза, се соочувате и со последиците по економијат. Загрижени сме поради неодамнешното нагло зголемување на бројот на заразени во странство. Во последните денови ја гледаме ситуацијата во Франција и Израел, два типични примери за нашиот регион, кои покажаа дека за два или три дена бројот на случаи многукратно се зголеми. Забележуваме бројни случаи во регионот Атика и во многу други региони на земјата, но секогаш сакаме да бидеме пред кривата на податоците за нивото на инфекција, а не да каскаме зад неа – изјави Пецас.
Тој го објасни зголемувањето на бројот на заразени со ублажување на рестриктивните мерки по изолацијата, но рече дека владата се обидува да го избегне најлошото сценарио – нова строга изолација.
Ние ќе се потрудиме да го решиме овој проблем. Сè уште не сме достигнале ситуација кога е потребна присилна изолација на населението, но сите планови остануваат на маса. Не сакаме да дојдеме до ситуацијата во која се најде Франција со 10.000 заразени секој ден и Израел, кој го врати карантинот – изјави Пецас.
Во Грција, бројот на заразени со корона вирус во последниот период се движи од 200 до речиси 400. Од крајот на јули се забележува постојан пораст на бројот на заразени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.