„И официјално, Македонија“„Заев: да живее Македонија“; „Веќе и официјално се роди Македонија“; „Со задоцнување од 24 часа испратена вербалната нота“; „Стапува на сила Договорот од Преспа“; „Официјална премиера за Македонија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми по испратената вербална нота од грчкото МНР и по соопштението од владата дека името Македонија официјално стапува на сила, јави дописничката на МИА од Атина.
Во ист ден кога владата на Скопје соопшти дека стапува на сила Договорот од Преспа и се официјализира преименувањето во Република Македонија, комитетот за Нобел во Норвешка и официјално соопшти дека меѓу кандидатите за Нобеловата награда за мир за 2019 се премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, објави синоќа грчката новинска агенција АНА-МПА.
Во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, прилозите беа за свеченоста на која беше подигнато знамето на НАТО пред владата, а грчките новинари акцентот го ставија на говорот на премиерот Заев и употребата од негова страна на името Македонија.
Кревањето на знамето на НАТО пред објектот на владата од каде е отстрането името Република Македонија, се одржа во Скопје, а Зоран Заев три пати ја спомена неговата земја со новото име Македонија, објави грчката државна телевизијата „ЕРТ“ во прилогот посветен на свеченоста во Скопје.
Во продолжение, грчката државна телевизија се задржа на соопштението од македонската Влада и стапувањето во сила на новото име, откако претходно од Атина до Скопје беше испратена вербалната нота.
На свеченоста беше и официјално споменато новото име со оглед на тоа дека премиерот Заев неколку пати го изговори името Македонија, објави грчката телевизија „Антена“.
Со сличен коментар беа и прилозите на грчките телевизии „Алфа“ и „Скај“, додека, пак, новинарот од „Стар“ рече дека премиерот Заев, во неговото обраќање, осум пати го споменал новото име Македонија.
Телевизијата во прилогот на почетокот на централното издание на вестите, во прилогот, акцентот го стави на промената на таблите со новото име и од едната и од другата страна на границата.
Околу 100 000 возачи, кои секојдневно се движат на северната граница на земјата, веќе нема да ги среќаваат таблите со име ПЈРМ или ФИРОМ, бидејќи ќе се заменат со нови на кои ќе пишува Македонија, објави грчката телевизија „Стар“, а новинарот објасни дека штом се сменат таблите на граничниот премина кај нас, грчкото МНР ќе даде упатства до префектурите за да се заменат и во Грција.
Официјалното стапување во сила на новото име се најде и на насловните страници на денешните изданија на весниците „Катимерини“ и „Ефимерида тон синдактон“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.