Хотелите не се, ниту ќе станат болници, велат од Грчката федерација на хотелиери во писмото испратено до Министерството за туризам, во кое посочуваат неколку забелешки за протоколите за работа, а се однесуваат на деловите за соработката со лекар, работата на  затворените базени во внатрешноста и организирањето конференции во самите хотели, јави дописничката на МИА од Атина.

-Сите ги знаеме предвидувањата и го следиме спроведувањето на здравствените протоколи во другите области на економската активност и не ги споменуваме нелегалните туристички објекти и краткорочните закупи бидејќи таму не постојат правила, ниту гледаме намера да се наметнат. Единствениот коментар што ќе го дадеме е дека хотелите не се, ниту ќе станат болници, пишуваат во писмото упатено до министерот за туризам на Грција Харис Теохарис и неговиот заменик Манос Консолас.

Со оглед на тоа дека согласно протоколите, туристичките објекти и хотелите мора да имаат соработка со лекар, од федерацијата велат дека добиваат поплаки од нивни членови дека или не можат да најдат достапен лекар или услугите се скапи и истакнуваат дека хотелиерите на клиентите им обезбедуваат сместување, угостителски услуги и сл, а не здравствени услуги.

-Друго е поради Ковид-19, нашите членови да се придржуваат до конкретни превентивни мерки, како што важи и за останатите бизниси, а друго е да им наметнеме товар што не е соодветен за нив. Пронаоѓањето, прегледот и третманот на пациенти со Ковид-19, не е и не треба да биде работа на хотелиерот од многу причини . Тоа е работа на јавните здравствени служби, пишуваат во писмото.

За базените, велат дека нема никаква логика да се забрани работата во внатрешните делови на хотелите од моментот веќе се отворени бањите и спа центрите.

Бараат јасно да се одреди дека е дозволено одржување конференции во самите хотели, бидејќи не можат да сфатат „како е можно да се дозволени свадби и други свечености, да работат ноќните клубови, а да не е јасно одредено дека се дозволени конференциски настани кои поради обликот и клиентите се јасно полесни за контролира“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.