На пленарна седница закажана за 16 часот по локално време, грчкиот Парламент ќе гласа за ратификација на двата договори потпишани во март и април во Скопје за отворање на новите гранични премини кај Мајден и Маркова Нога, како и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, откако вчера Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања ги прифати нацрт законите доставени од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно изнесените ставови на известувачите за нацрт законите од владејачката СИРИЗА и опозициската Нова демократија, но и на пратениците од другите партии, за време на вчерашната расправа на комисијата, предлог законите беа усвоени. СИРИЗА и Река се „за“, Нова демократија и Златна зора против, додека пак Демократска алијанса на денот на гласањето ќе го соопшти ставот. Комунистичката партија на Грција, веројатно ќе биде воздржана. Пратениците од Сојуз на централисти, не присуствуваа на состанокот на Комисијата.

Расправата на Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања, со говор ја затвори алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, која рече дека двата договори не доаѓаат предизборно во грчкиот Парламент, туку се и по барање на локалното население и додаде дека отворањето на новите гранични премини во минатото беше попречувано, бидејќи не постеа билатерални односи меѓу двете земји.

Мислам дека, ако навистина сакаме пријателство, соработка, зајакнување на нашата земја, она што треба да го направиме, во духот на она што се прави во Европа, би требало да ги поздравиме овие две ратификации, кои не дојдоа предизборни, дојдоа сега, а требаше да дојдат порано и имавме големи притисоци од локалното население за да дојдат што е можно побрзо, рече алтернативната министерка за надворешни работи на Грција.

Анагностопулу се осврна на граничниот премин кај Маркова Нога, како долгогодишно барање на локалното население.

Во 1959 за време на владата на Караманлис се отвори овој граничен премин, а беше затворен за време на хунтатат во 1967. Оттогаш жителите бараат отворање на овој пат што ја поврзува Грција со Македонија. Не е вистина дека немаше проблем во односите и не беше потребен Договорот од Преспа. Да потсетам дека Конвенционалната рамка меѓу Грција и тогаш, поранешната југословенска Република Македонија, беше рамката Грција- Југославија, рече Анагностопулу, а како пример спомена дека не постоеше можност за регулирање ниту на избегнување на двојното оданочување.

Пратеникот од Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, кој е известувач за нацрт законите во неговиот говор рече дека нема да ги поддржат законите и ги објасни причините зошто тие како партија ќе гласаат против. Расправата ја поврза со претстојните евроизбори, велејќи дека владата за внатрешни цели ги носи законите на 10 дена пред изборите и додаде дека „времето е лукаво, а планот мрачен“.

Ги носите затоа што мислете дека ќе нѐ заробите, рече Кумуцакос, обраќајќи ѝ се на владата.

Пратеникот од Нова демократија истакна дека „не беше потребен Договорот од Преспа за да се отворат нови гранични премини”, бидејќи, како што рече „билатералните односи функционираа нормално и без Договорот од Преспа” и додаде дека тие сакаат добри билатерални односи со соседната земја, како што се покажало во изминатите години.

На вчерашната двочасовна расправа на Комисијата во грчкиот Парламент, збор зедоа околу 10 пратеници, кои ги претставија нивните позиции во однос на двата нацрт закони. Пратениците од СИРИЗА, Теодора Ѕакри, Костас Селцас и Јанис Сифакис кои доаѓаат од областите во кои ќе се отворат новите гранични премини ги објаснија придобивките од двата потпишани спогодби меѓу Македонија и Грција.

Двата усвоени нацрт закони произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава. Едниот предлог закон е под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Македонија“, а вториот под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби“.

Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.

Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.

Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на договорот, двете страни по дипломатски пат ќе ги разменат листите со членовите на Комисијата, која за прв пат ќе се состане во рок од три месеци по стапувањето на сила на договорот, а ќе одржува состаноци на секои две години.

Ваква комисија е предвидена и за граничниот премин кај Мајден и за граничниот премин кај Маркова Нога.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.