Пропаѓањето на правната држава во Бугарија со години ја избегнува истата контрола на ЕУ како врз Полска и Унгарија, зашто Борисов избегнува секаква идеолошка војна против Брисел и секогаш се стреми на европската сцена да парадира со својата лојалност кон геррманската канцеларка Ангела Меркел и Европската народна партија, пишува денеска бриселското електронско издание на „Политико“.
Меѓутоа, способноста на Борисов да се извлекува од меѓународна критика се исцрпува, а кризата во Бугарија започнува дури да ги удира камбаните за тревога во редовите на христијандемократите на Меркел, кои одамна се сметаат за заштитници на партијата ГЕРБ на Борисов.
-За мене е јасно дека треба сериозно да разговараме со владата на Бојко Борисов, бедз никакви „ако“ и „но“. Тие работи се неприфатливи. Влезот на Бугарија во ЕУ е поврзан со јасни ангажмани и очекувања, а граѓаните на Бугарија сега се чувствуваат измамени дека ќе имаат пристап до плодовите од членството во ЕУ, вели за „Политико“ претседателот на Комисијата за европски прашања на Бундестагот, Гунтер Крихбаум, инаку сопартиец на Меркел.
Детлеф Милер, заменик портпарол за политика и демократија на Социјалдемократската партија во Бундестагот, исто така изрази стравување дека Бугарија може да се претвори во нова Унгарија.
-Германија треба да обрне повеќе вникмание на држави како Бугарија за време на своето претседателство со Советот на ЕУ, вели тој.
Неговата партија, која е помал коалиционен партнер во владејачката коалиција на Меркел, веќе изрази поддршка на протестите против Борисов и главниот обвинител Иван Гешев.
Нараснатите тензии во Бугарија сега се видливи и во Европскиот парламент. Минатата недела неговата работна група за набљудување на демократијата, владеењето на правото и основните права одржа заседание зад затворени врати за Бугарија, на кое беа разгледани прашања за работата на главниот обвинител и улогата на еврофондовите во генерирањето на корупцијата.
Европратениците од групата сакаа да ја сочуваат доверливоста на деталите од заседанието, но неколкумина јавно изјавија дека Бугарија заслужува повнимателна проверка.
-Не зборуваме доволно за Бугарија, изјави Катерина Барлиу, социјалдемократка, бивша германска министерка за правда, која сега е заменик-претседател на Европскиот парламент.
На прашањето дали ЕУ треба да ја подложи Бугарија на иста контрола како Полска и Унгарија, германскиот европратеник Сергеј Лагодински одговори:„Се разбира“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.