Претседателот на Црна Гора и претседател на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ, изјави дека сегашната влада покажува недостаток на капацитет за решавање на проблемите со кои секојдневно се соочува земјата.

Ѓукановиќ, на седницата на Главниот одбор на партијата,изјави дека и претходната година ја покажала силата на ДПС и нејзината решеност, дури и од позиција на опозиција, да ги брани постигнатите достигнувања, но и визијата за развој.

Зборувајќи за актуелната политичка ситуација, Ѓукановиќ изјави дека актуелната влада е на самиот крај и дека тоа им е јасно и на најповршно запознатите со политичкиот живот на Црна Гора.

Тој додава дека Владата со секој изминат ден покажува апсолутен недостаток на капацитет да ги реши проблемите со кои се соочува Црна Гора.

Мандатот на оваа влада е времето кога почна паѓањето на Црна Гора – изјави Ѓукановиќ.

Тој на седницата на Главниот одбор го потврдил новиот активизам и посочил дека верува оти таа пракса ќе продолжи, заради попрецизно и сеопфатно дефинирање на политиката на партијата.

Ѓукановиќ порача дека мора да ја избегнат стапицата да зборуваат само за потребата од кадровски промени во партијата, бидејќи реформите се многу подлабок процес во кој, како што наведе, зачекориле веднаш по парламентарните избори, а особено од партискиот конгрес.

Според Ѓукановиќ, клучен аспект на претстојниот дел од реформата мора да биде иновативен модел на работа што значи комуникација со луѓето.

Способноста да покажеме дека ги разбираме нивните проблеми и дека можеме да понудиме подобри, поубедливи, поверодостојни одговори од конкуренцијата, за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните – додаде Ѓукановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.