На 15-тиот протест „1 од 5 милиони” во Белград, демонстрантите вечерва од платото пред Филозофскиот факултет, како што најавија, тргнаа во протестна прошетка, по која ги блокираа влезовите во зградата на Радио-телевизија на Србија, а поголем број демонстранти, предводени од лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, влегоа во просториите на јавниот сервис.

Меѓу нив беа и Јелена Анасосовиќ, една од лидерите на граѓанските протести, како и лидерот на опозицискиот Сојуз за Србија Драган Ѓилас, пратеничката Маринка Тепиќ и лидерот на Демократската партија Зоран Лутовац.

Во видеото кое кружи по социјалните мрежи, Ѓилас е уловен како се пресметува со полициските сили.

Дојдовме во зградата која им припаѓа на граѓаните на Србија. Дојдовме по три месеци игнорирање на информативната програма. Обезбедувањето на РТС застана на страна на народот и му дозволи да влезе, рече Обрадовиќ, кој додаде дека „нема да го напуштиме РТС додека не се промени уредувачката политика. Ги покануваме граѓаните да влезат во РТС“.

Обрадовиќ и Ѓилас разговараа и со претставникот на обезбедувањето кој побара од нив да го откажат собирот. Тие тоа го отфрлија, а потоа рекоа дека ќе преговораат со уредниците, не остапувајќи од барањата за вклучување во програмата.

Припадници на специјалната полициска единица околу 21,30 часот се распоредија долж ходниците на телевизијата, со цел да се спречат демонстрантите да се качат во другите простории на РТС.

Полицијата подоцна почна да ги изнесува демонстрантите од РТС, еден по еден, носејќи ги за раце и нозе, додека пред зградата каде имаше повеќе стотици граѓани струјата е исклучена, а атмосферата тензична.

Во Палатата на Србија, вонредна конференција одржа министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој истакна дека „државата ќе мора да одговори на ова и секој што ќе го прекрши законот ќе биде прекршочно и кривично гонет“.

Се случи насилство во многу лоша, тешка форма. Тие го демолираа влезот во РТС, го демолираа приземјето, влегоа внатре. Тие им се закануваа на новинари, користеа насилство насекаде и ова достигна форма до која не смееше да дојде, изјави Стефановиќ.

Нападот го осуди и и српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе се обрати до нацијата утре точно на пладне.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.