Лидерот и еден од основачите на опозицискиот блок „Сојуз за Србија“ (СЗС) Драган Ѓилас во реакцијата на вчерашната изјава на министерот за одбрана Александар Вулин, изјави дека јазикот на омраза на Вулин е скандалозен и спротивен на пријателството на двата народа.
Изјавите, како што е оваа на министерот Вулин, за жал, се токму спротивното од она што треба да биде политиката кон Македонија и македонскиот народ. Очигледно, поединците кои пред 25 години го употребуваа јазикот на омраза кон другите народи, никогаш не го забораваат овој јазик. Верувам дека овие скандалозни зборови на еден министер се ирелевантни во однос на пријателството на двата народа кои ниту еден неодговорен поединец, без разлика на каква е функција, не може да ги наруши – изјави Драган Ѓилас за дописникот на МИА во Белград.
Министерот Вулин вчера како реакција на средбата во Скопје меѓу Драган Ѓилас и премиерот Зоран Заев, за Вечерни новости изјави дека „Скопје стана она што порано беше Будимпешта, центар на разузнавачки работи против Србија, место каде се обезбедува финансирање и поддршка за цинкароши и сечикеси од целиот регион, за политичари кои веруваат дека единствениот пат за да дојдат на власт е преку соработка со странците.“
По оваа изјава на Вулин и српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ја искоментира средбата Ѓилас-Заев во Скопје.
Немам ништо против тоа. Тој се виде и со Сандуловиќ, тоа е веројатно истото друштво… Имаше уште некои контроверзни бизнисмени таму на вечерата. Но, тоа е се во ред, нормално… Се состануваат претставници на власта со опозицијата, власт со власта … што е тука чудно сега, сè е во ред – рече Вучиќ.
Инаку, според пишувањата на срспките медиуми, Драган Ѓилас е во блиска комуникација со премиерот Зоран Заев, која според оценката на Александар Вулин, српскиот министер за одбрана, има за цел рушење на Александар Вучиќ и актуелната власт на Србија.
Според пишувањата на медиумите, Ѓилас завчера бил на вечера на која покрај Заев присуствувал и поранешниот естраден менаџер Зоран Башановиќ, Владимир Цветковиќ и Александар Обрадовиќ, поранешен дирекрот на ЕПС, кој на Вучиќ му е лут што го сменил.
На состанокот станало збор за актуелната ситуација во Србија и двомесечните граѓански протсести – соопштил СЗС после средбата во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.