Францускиот претседател Емануел Макрон престојува во прва посета на Хрватска од нејзината независност. Во мај, со цел да ги модернизира своите воени воздухопловни сили, Хрватска најави купување на 12 авиони Рафал од францускиот производител Дасо Авиасион, пишува Радио Слободна Европа.

Договорот е вреден околу милијарда евра, а тоа е најголемата нарачка на оружје на Хрватска од нејзината независност по распадот на поранешна Југославија, оценуваат француските медиуми.

Макрон денеска ќе разговара со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и со премиерот Андреј Пленковиќ. Хрватска и Унгарија се две земји на Европската унија кои Макрон не ги посетил од почетокот на неговиот петгодишен претседателски мандат, кој започна во мај 2017 година.

По Хрватска, Макрон ќе престојува во Италија, каде што ќе разговара со тамошните власти, а во Ватикан ќе биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск. Од Елисејската палата изјавија дека целта на таа мини европска турнеја е подготовка на француското претседателство со Европската унија, кое ќе започне на 1 јануари 2022 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.