Димитар Гардев, кандидатот на бугарската партија „Има таков народ“ за нов министер за надворешни работи, изгледа во својата официјална биографија излажал за неговото вработување во Европскиот парламент, дознава бугарскиот портал Еурактив, пренесува Бета.

Тоа може да ги наруши коалициските преговори за формирање нова влада, но тешко е да се каже дали тоа ќе го спречи Гардев да стане шеф на дипломатијата.

Одлуката конечно ќе ја донесе Слави Трифонов, лидерот на партијата Има таков народ, но тој се уште не се огласил.

Новата влада на Бугарија, по изборите на 14 ноември, ќе ја формираат партиите Промените продолжуваат, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.

Во понеделник беа објавени имињата на кандидатите за министри, а кандидат за премиер е лидерот на партијата Промените продолжуваат Кирил Петков.

Гардев во својата биографија напишал дека бил советник на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) и на Поткомитетот на ЕУ за безбедност и одбрана (СЕДЕ).

Тоа е највисоката функција на Гардев, а таа информација ја пренесоа повеќето бугарски медиуми.

Еурактив Бугарија стапи во контакт со надлежните служби на Европскиот парламент, кои одговорија дека „администрацијата на ЕП нема евиденција дека Димитар Гардев бил член на персоналот во неговиот секретаријат“.

Гардев всушност работел како помошник на бугарската европратеничка Елена Јончева, во нејзината канцеларија во Софија.

Гардев за Еурактив изјави дека тој навистина бил помошник на Јончева и оти во тоа својство покривал прашања од надлежност на комитетите на АФЕТ и СЕДЕ, чиј член била Јончева.

Европскиот парламент ја оценувал неговата работа, рече Гардев и додаде дека добил добра оценка.

Јончева за Еурактив потврди дека Гардев и бил помошник во канцеларијата во Софија од 2019 до 2020 година, но рече дека не е точно неговото тврдење дека бил советник во два одбори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.