Како што е најавено, станува збор за зајакнување на капацитетите на Специјализираната полициска единица (СПЕ) на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС)
Резервната специјализирана полициска единица (РСПЕ), составена од 23 италијански жандарми – карабинери и припадници на европските жандармериски сили (ЕУРОГЕНДФОР), од вчера е привремено распоредена на Косово.
Како што е најавено, станува збор за зајакнување на капацитетите на Специјализираната полициска единица (СПЕ) на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС).
„РСПЕ е распоредена на Косово како одговор на потребата на Мисијата да има дополнителни сили на теренот и да обезбеди подобра поддршка за косовските колеги, доколку тоа се бара и е потребно“, објави денеска ЕУЛЕКС.
Тие додаваат дека редовната СПЕ се состои од 105 полски полицајци, и е стационирана во Митровица како втор степен за безбедносен одговор на Косово.
Инаку, механизмот на меѓународните претставници на Косово за безбедносен одговор се состои од три степени.
Косовската полиција е прва инстанца за безбедносен одговор, ЕУЛЕКС е втор, а НАТО/КФОР трет, потсетува ЕУЛЕКС. Новораспоредената Резервна специјализирана полициска едница се наоѓа во базата за поддршка на ЕУЛЕКС во Косово Поле.
„РСПЕ е под команда на ЕУЛЕКС и ќе ја поддржи Мисијата во исполнувањето на нејзините задачи, вклучително и како втор степен за безбедносен одговор на Косово, доколку е потребно“, се додава во соопштението.
Од Мисијата порачуваат дека безбедноста на сите заедници во Косово е главен приоритет на ЕУЛЕКС, а распоредувањето на резервната специјализирана полициска единица ја покажува решеноста на ЕУЛЕКС да продолжи да ја поддржува стабилноста на Косово и да придонесува за безбедноста на неговото население.
Ова е втор пат како РСПЕ се распоредува на Косово. Во март 2022 година, ЕУЛЕКС привремено ја засили својата СПЕ со резервна единица од 70 жандарми од Португалија и Франција, кои го напуштија Косово на 18 јули.
Распоредувањето на оваа полициска единица доаѓа откако српските полицајци дадоа откази, како дел од одлуката на претставниците на косовоските Срби да ги напуштат сите инситуции на Косово по одлуката на Приштина да продолжи со планот за пререгистрација на возилата со регистарски таблички издадени од Србија.
Претставниците на Србите во институциите на Косово од неделата почнаа да ги формализираат своите оставки на функциите, што продолжи и во наредните денови.
По одлуката, полициските станици останаа без мнозинството полицајци, правосудните органи без судии и обвинители, локалните самоуправи без администрација. Повеќе од 300 српски полицајци во неделата ги напуштија косовските полициски сили со поднесување оставки и демонстативно ги соблекоа полициските униформи.
Претставниците на САД и на ЕУ на Косово ги повикаа двете страни да ги намалат тензиите без да користат запалива реторика, да го изберат патот на дијалогот и да се воздржат од дејствија кои би довеле до насилство и конфронтација.
Амбасадите на САД во Белград и Приштина соопштија дека се согласуваат со Европската унија дека неодамнешните случувања во односите меѓу Косово и Србија се крајно загрижувачки и дека го загрозуваат значителниот напредок постигнат во дијалогот овозможен од ЕУ.
Тие ги повикаа косовските Срби да се вратат во институциите на Косово, Приштина да започне со процесот на формирање на Заедницата на српски општини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.