Потпретседателот на Европската комисија и шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, порача дека Европската Унија очекува од Србија и Косово да не ги преместуваат своите амбасади во Израел од Тел Авив во Ерусалим.
Како одговор на пратеничко прашање, Борел изјави дека очекува дека и Србија и Косово „ќе постапат во согласност со заложбите на ЕУ“, но и во согласност со нивните европски аспирации.
Долгогодишниот став на ЕУ е дека со преговорите мора да се најде начин за решавање на статусот на Ерусалим како иден главен град на двете земји и дека мора да бидат исполнети аспирациите на двете страни. Прашањето за Ерусалим е прашање на конечен статус. Во согласност со резолуцијата 478 на Советот за безбедност на ОН од 1980 година, со која се повикуваат сите членки на ОН да ги преместат своите амбасади во Тел Авив, сите амбасади на земјите-членки на ЕУ, како и Делегацијата на ЕУ во Израел, се наоѓаат во Тел Авив – објасни Борел.
Тој потсети дека и Косово и Србија ги идентификувале интеграциите во ЕУ како нивен стратешки приоритет.
ЕУ очекува дека и едните и другите ќе постапат во согласност со оваа определба. Од Србија во рамките на процесот на преговори за пристапување во ЕУ се очекува „постепено да ги усогласува своето законодавство и политиките кон трети земји со законодавството и политиките на ЕУ – порача шефот на дипломатијата на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.