Европската комисија потпиша меморандум во кој се опишува деталниот план договорен меѓу грчките власти и агенциите на Европската унија за формирање на нов прифатен центар на Лезбос до почетокот на септември 2021 година.
Овој чекор е клучен за решавање на ситуацијата што се појави на островот откако во септември изгоре мигрантскиот камп Морија, пренесува Танјуг, повикувајќи се на агенцијата АНА.
Меморандумот е резултат на работата на европската работна група формирана за решавање на проблемот на островот.
Потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас рече дека договорот претставува исполнување на заложбата за изнаоѓање одржливи решенија и практична солидарност на ЕУ со Грција.
Договорот значи дека Европа и Грција ќе работат заедно за луѓето на островот, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Таа вети дека ЕУ и Грција ќе обезбедат пристојни услови за мигрантите кои доаѓаат на грчките острови, како и поддршка за локалното население.
Фон дер Лајен истакна дека е исто така важно да се обезбедат брзи и фер процедури, така што прифатните центри ќе ја исполнат улогата наменета за нив, а тоа е да бидат само привремена станица за мигрантите пред нивното враќање или интеграција.
Управувањето со миграцијата е предизвик за ЕУ и ние ја спроведуваме европската солидарност во пракса – рече таа.
Меморандумот предвидува поделба на одговорностите помеѓу ЕК, агенциите на ЕУ и грчките власти, како и нивна соработка.
Покрај тоа, меморандумот ја регулира распределбата на средствата за решавање на состојбата со мигрантите на Лезбос. Повеќе од 121 милиони евра беа издвоени минатиот месец за изградба на помали прифатни центри на Самос, Кос и Лерос, што исто така треба да се завршат во септември 2021 година.
Се предвидува и подобрено управување со приемот на мигранти, подобрени процедури за добивање азил и интеграција или враќање на мигрантите, како и подобрена обука на персоналот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.