Радован се чувствува добро, оптимист е и верува дека правдата е достижна, вели братот на поранешниот лидер на босанските срби, Радован Караџиќ, на кого денеска треба да му биде изречена правосилна пресуда за воени злосторства.

Лука Караџиќ вели дека неговиот брат смирено ја очекува конечната пресуда и верува дека ќе биде исправена, како што вели, неправдата од првостепената пресуда кога беше осуден на 40 години затвор.

Ден пред изрекувањето на пресудата Караџиќ испратил неколку афоризми до српски „Новости“, кои ги напишал во притвор во Шевенинген.

„Оној што наутро ќе ја проголта својата гордост, ќе има подоцна што да вечера.“

„Нова говорна маана: СПОРАЗУМ се изговара како СПОРАЗИМ!

„Тој е будала, но енергичен будала!“

„Кој стои зад пропаднат човек?“

Пред две години Хашкиот трибунал со првостепена пресуда го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница, злосторство против човештвото, кршење на законите и обичаите на војување и учество во организирано злосторничко дејствување. Од 11 точки на обвинението, Караџиќ беше осуден за 10. Тие опфаќаа гранатирање на Сараево, истребување, прогони, убиства и протерување на несрпско население, нехумани дела, терор, напад на цивили и држење заложници. Во текот на постапката поранешниот претседател на Република Српска се бранеше сам, но имаше правен тим кој му помагаше. Тој сам ја напиша жалбата од 2.000 страни на првата пресуда.

Преносот на правосилната пресуда ќе се емитува со половина саат задоцнување. До сега пресудите беа изрекувани во директен пренос, но судот одлучи преносот да доцни за да контролира се што ќе оди во етер, поради последниот инцидент во суднца кога хрватскиот генерал Слободан Праљак испи отров пред камерите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.